Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да продолжи дебатата предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Според информациите од Собранието, останати за збор се уште дваесетина пратеници, главно од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Двајца од предложените Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, кои го поминаа комисискиот филтер, станаа уставни судии откако Собранието во октомври гласаше. Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска со издвоено мислење испратено до претседателот на Собранието тогаш предложи пленумот да гласа за овие кандидати за да не се доведеме во ситуација на уставна криза, бидејќи Судот беше без доволен број уставни судии. За опозицијата ова беше преседан што не смееше да се случи, бидејќи дебатата за сите кандидати треба да заврши па пленумот да гласа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на комисиските расправа со долги говори од повеќе часови го одолговлекуваше изборот на уставните судии, а според пратеници од владејачкото мнозинство, тоа веројатно ќе биде така и денеска, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е против Јовески да биде уставен судија.

На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. Освен овие тројца, беа предложени и професорката Родна Живковска, пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство Штип, Тодор Витларов, охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судијка од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.

Во меѓувреме во пензија замина уште и уставната судијка Вангелина Маркудова, така што Собранието треба да започне постапка за избор на уште еден уставен судија.

Минатата недела од Уставниот суд повторно упатија апел до Собранието да се изберат тројца судии, со цел Судот непречено да функционира како што е предвидено со Уставот.

Останува апелот до Собранието и до Судскиот совет, кој треба да предложи еден од судиите, тоа да го сторат што побрзо, изјави портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Таа  потсети дека од 7 декември минатата година Судот функционира со шест од предвидени девет судии, поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.

За да се донесе одлука на Судот потребни се најмалку пет гласа „за”. Судот е колективно тело, каде секој судија има право на свое мислење кое може да биде различно од она што го кажуваат неговте колеги. Тоа значи дека многу често се соочуваме со ситуација предлозите да не добиваат мнозинство затоа што на пример се случува тројца судии да гласаат„за”, додека тројца да не се согласуваат со тој предлог, или четворица го поддржуваат предлогот, а двајца се против, појасни Беловска.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието со мандат од девет години без право на реизбор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.