Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и универзитетска професорка Гордан Силјановска Давкова во вечерашното интервју во Тема на денот во централниот дневник на телевизија Сител, рече дека во моментот во собранието има активна и пасивна блокада, активна во која учествува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која на седниците дискутира стручно, и пасивна во која се пратениците од владејачкото мнозинство кои што се привилегирани и кои се појавуваат само на полноќ за гласање за кои рече дека таа ги нарекла неформален Дом на лордовите.
Ако забележавте вчера и сите граѓани можат да видат, што значи активна а што пасивна блокада. Можат граѓаните да ги видат нашите говори и да видат дали зборувавме за законот за сметководствени услуги, политички или навистина зборувавме стручно и компетентно, тоа е активна блокада. Што значи пасивна блокада? Тоа значи дека во парламентот има една привилегирана група на пратеници која исклучиво се појавува на гласање. Многу од нив не се членови на ниту една комисија, делегација и јас ги нареков нели неформален Дом на лордовите, и обично доаѓаат на полноќ пред гласање, изјави Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова истакна дека законските решенија кои што се во интерес на граѓаните ќе бидат прифатени и изгласани од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Не сме ние тие кои што кочиме, напротив рековме дека добрите закони, законите кои што се во интерес на граѓаните, ќе ги поддржиме, потенцираше таа.
Во однос на законот за сметководствени услуги Силјановска Давкова вели дека истиот не е добар бидејќи и самата Комора на сметководители преку одржување на прес конференција пред собранието го посочила истото како и дека и покрај тоа што власта ги слушнала нивните предлози истите не ги вклучиле во предлозите на законот.
Вчера дискутиравме за сметководителите бидејќи по тој закон се организираше јавна расправа, и секој кој ќе чуе ќе рече па тоа е демократски чекор во парламентот, но јавната расправа се организираше еден ден откако заврши рокот за пријавување амандмани. Меѓутоа фамозниот претседател на најфамозната комисија рече дека нема проблем, и замислете навистина 16 амандмани поминаа. Но, 60 амандмани да прифатеа тој закон немаше да биде добар. Зошто? Затоа што на таа јавна расправа ние ги чувме ставовите на сметководителите, згора на тоа пред нашиот дом одржаа прес протестирајќи против лошиот закон. Ги поканиле на расправа ги изразиле своите ставови, си заминале, рекоа дека тоа било инклузивен процес ама во предлозите ги немаше нивните предлози, нагласи Силјановска Давкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.