Во Кавадарци се одржа Петтата академија за здравство на тема примарно здравство и превентивна медицина во организација на Централната комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и експерти од областите.

Академијата претставува одличен спој на струка, знаење, квалитет на експертите од фелата и невладин сектор чие присуство и фидвек се од непроценливо значење.

Свои поздравни обраќања на настанот имаа и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

Д-р Игор Николов, претседател на Централната комисија за здравство на ВМРО-ДПМЕ истакна дека Петтата академија за здравство на тема примарна и превентивна медицина се организира со цел да се добијат повеќе податоци за примарното здравство со кои ќе се креираат политики за унапредување во оваа област.

-Овој пат посебен акцент ставаме на јавното здравје, превенцијата, превентивните скрининг методи и како да ги заштитиме нашите граѓани.
Денеска вклучивме експерти од овие области со предавања, а добиените информации ќе бидат потребни за понатамошното дејствување и креирање политики, особено за примарното здравство и примарната медицина. Превенцијата за која сметаме дека претставува и ќе претставува приоритет следејќи ја пораката “Подобро е да се спречи, отколку да се лечи” и практично треба да се дејствува во тој правец, истакна д-р Николов, потенцирајќи дека примарната медицина, матичните лекари, семејната медицина и семејните лекари ќе бидат приоритет на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, радиолог во Општата болница во Кавадарци и претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци ја истакна важноста од разработувањето на различни теми и предизвици во секој град од аспект како на здравствените работници, така и граѓаните.

-Денешната тема е тема за примарното здравство и матичните лекари и лекарите за семејна медицина и превентивната медицина со цел изнаоѓање решенија на проблемите за на крајот да бидат задоволни и граѓаните и здравствените работници, заклучи д-р Ѓорчева-Камчева.
Инаку, акцент на Петтата академија беше ставен на актуелната состојба и предизвиците на примарното здравство и превентивна медицина, важни начела при практикувањето на примарната здравствена дејност и едукативен дел со фокус на аерозагадување – приоритетен јавно-здравствен и еколошки проблем.

Исто така, беа опфатени и темите за значењето на примарната здравствена заштита и здравјето на работниците – современи предизвици, како и стратегиски менаџмент во јавното здравство и улогата на медицинските сестри – лидери во здравството.

Дополнително, додадена вредност на Петтата академија беа предлозите и иницијативите на Здружение лекари за семејна медицина и НВО за трансплантација и продолжуваме со ваквиот пристап до заедничко изнаоѓање најдобри решенија во интерес на пациентите, здравствените работници и целиот здравствен систем.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.