Билатералните односи се пријателски, без отворени прашања, со континуиран политички дијалог и конструктивна соработка, оцениле во телефонски разговор претседателката Гордана Сиљановска Давкова и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателката, во разговорот била потврдена посветеноста на двете држави за продлабочување на традиционалното партнерство, како и јакнење на регионалната соработка.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност и за продолжување на соработката во рамките на НАТО, а претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.

Како што се наведува во соопштението, Сиљановска Давкова и Милановиќ размениле мислења за соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот.

Во разговорот станало збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија, при што било оценето дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и дека постои целосна подготвеност од двете страни за нивно дополнително унапредување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.