Два дена пред Нова година Судскиот совет ќе расправа за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, на иницијатива поднесена од еден член на Советот, објави ТВ Телма. Од Судскиот совет не ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата, со оглед дека постапката за утврдување на одговорност на судија е тајна, но за неа неодамна зборуваше самата претседателка Адеми, која на медиумите индиректно им потврди дека има постапка.

Мојата работа и работата на Врховниот суд се позитивно оценети во извештаите на ЕУ. Евентуално такво барање мора да ги предвиди и овие факти и аргументи. Знаете дека постапките по вакви барања се од доверлив карактер, но јас би барала јавност на постапката – рече Адеми

Законот за Судски совет пропишува дека постапката е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста, но по барање на судијата, Советот може да одлучи постапката да биде јавна со гласање на членовите на ова тело.

Лошите односи помеѓу Судскиот совет и претседателката на највисокиот суд во државата ескалира минатиот месец, откако Адеми во интервју рече дека на судиите им се вршат притисоци, но не прецизираше врз кои судии и какви се притисоците. Претседателката на Врховен тогаш рече дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт, но тие како Врховен суд нема да дозволат да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед“. Адеми претходно за притисоци врз судството ѝ се пожали и на американската амбасадорка Анџела Агелер.

По интервјуто, Судскиот совет ја покани да каже врз кој судија е вршен притисок и како, зашто должност на Советот е да ја штити независноста на судиите, но Адеми не дојде, образложувајќи дека досега повеќепати се укажувало на притисоци врз судството во официјални извештаи и во медиумски натписи, но Судскиот совет никого не повикал на разговор. Адеми во писмото спомена и дека претходните две претседателки на Судскиот совет по смените дале изјави дека трпеле притисоци од политички и од бизнис-кругови, ама Судскиот совет не испитал кој ги вршел тие притисоци. Според Адеми, доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак е во надлежност на Судскиот совет.

На ова, од Судскиот совет најавија дека тие ќе одат во работни посети во Врховниот суд или ќе ги кани судиите во Советот и ќе разговараат со секој судија поединечно за тоа дали некој им врши притисок во одлучувањето. Членовите на Советот тогаш на прес-конференција најавија дека нема да се откажат од тоа да дознаат дали, кој и какви притисоци врши врз Врховниот суд, а она што ќе го откријат ќе го пријават во Јавното обвинителство и ќе го споделат со јавноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.