Претседателката на Либерално-демократска партија (ЛДП), Моника Зајкова, на отворањето на новиот штаб на партијата во Општина Центар, одговорајќи на новинарско прашање, потенцираше дека на претстојните избори ќе се натпреварува во Првата изборна единица, која ја предводи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Како што посочи, органите на ЛДП ја утврдиле и листата на кандидати за пратеници.
Зајкова потврди дека како кандидати за пратеници ќе се натпреваруваат таа како претседателка на партијата, генералниот секретар на партијата Боби Мојсоски и д-р Илија Нешковски.
ЛДП формираше два тима. Во тек се преговорите за програмските определби каде што се согласуваме со коалицијата бидејќи делиме заеднички цели, но едно е сигурно, највисока цел е да станеме полноправна членка на ЕУ до 2030. Се договараат и позициите, односно вчера органите на ЛДП ги утврдија листата на кандидати за пратеници, потенцираше Зајкова.
Прашана за најавеното формирање на Европскиот фронт на ДУИ и дали ЛДП ќе разговара со ДУИ за ова движење, Зајкова одговори дека ЛДП е отворена за сите прогресивни сили и дека сите партии кои делат иста визија и исти ставови се добредојдени.
Зајкова во обраќањето за време на отворањето на штабот, потенцираше дека ќе продолжат да се борат за уште поголеми пензии и плати, подобри услови за младите, искоренување на корупцијата, реформирано судство и администрација, демократијата и слободата.
Држава не се гради и унапредува со суети, стравови, гол популизам и лажен национализам. Патриотизмот се покажува со носење на одлуки и креирање на решенија кои обезбедуваат сигурна иднина, а не со бегање од нив, рече Зајкова, додавајќи дека 24 април и 8 мај ќе бидат доказ дека граѓаните знаат да направат вистински избор и дека нема да подлегнат на лаги и празни популистички ветувања.
Таа додаде дека треба да се одбере Европскиот пат за да се врати достоинството на граѓаните.
Ние сакаме да бидеме реципрочни и достоинствени со сите граѓани во Европската Унија, без да има потреба повеќе да се докажуваме колку вредиме. Ние се бориме и поднесуваме Иницијативи во Собранието кој обезбедуваат развој, просперитет и безбедност за сите генерации. За сениорите, пензионерите, за младите. За секој граѓанин на оваа земја затоа што Секој е важен. Верувам дека овој Програмски концепт и оваа Коалиција која носеше ни малку лесни одлуки, ќе победи и како што не направи членка на НАТО, ќе станеме и полнопрвна членка во Европската Унија, посочи Зајкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.