Унапредувањето на регионалната соработка со цел справување со предизвиците, како и напредокот на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан, се од круцијално значење за стабилноста и просперитетот на регионот, оценија денеска на средба претседателката Гордана Сиљановска Давкова и Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Средбата се одржа во Тиват, во рамки на состанокот на лидерите на земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, ја изрази македонската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, како и нашата подготвеност за размена на искуства со БиХ.

На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит, при што беше изразен интерес за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во сите сфери, пред сè на економски план.

Стана збор и за минатонеделните поплави во Босна и Херцеговина, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази сочувство до семејствата на настраданите и посака брзо закрепнување на повредените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.