Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска лично ќе и го честита на Радмила Шекеринска назначувањето за заменик-генерална секретарка на НАТО.
Како што објави претседателката на нејзината Фејсбук страница во средата остварила телефонски разговор со Шекеринска, во кој ја поканила на средба за да и го честита изборот.
-Беше остварен телефонски разговор со госпоѓата Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ е упатена покана за средба со цел да ѝ го честитам изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО. На предлог на госпоѓата Шекеринска, средбата ќе се одржи во петок, во 10 часот, напиша Сиљановска Давкова.
Сметам дека е најдобро, посочува претседателката, лично да ѝ изразам честитки за престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека Владата ја поддржала кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерална секретарка на НАТО.
Премиерот посочи дека за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските.
-Да се има Македонка во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши, изјави Мицкоски, додавајќи дека телефонски се слушнал со Шекеринска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.