Нов предлог-закон за амнестија, по скратена постапка, доставило Министерството за правда, дознава „Плусинфо“ од партиски извори.

Законот предвидува намалување на затворските казни за 30% за правосилно осудени сторители на кривични дела. Законот не ги опфаќа т.н. високопрофилни случаи, меѓу кои се и пресудите за поранешниот премиер Никола Груевски, за кои се шпекулираше дека ќе бидат опфатени со амнестија.

Законот исто така не ги опфаќа и осудените за настаните на 27 април 2017 година во македонскиот парламент, наспроти шпекулациите дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се пазарат за евентуална амнестија на овие случаи, како наводен услов опозицијата да ги поддржи уставните промени.

Порталот неофицијално дознава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на донесувањето на ваков закон, со кој, според опозицијата, ДУИ цели кон предизборно ослободување на многу припадници на својата партиска војска, кои се сега во затворите.

Нема да дозволиме законот да се донесе по скратена постапка и да носи европско знаменце. Тоа ќе биде невиден скандал, вели изворот од опозицијата.

Повеќе на „Плусинфо“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.