Словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Предан истакна дека резервите на Бугарија за македонскиот јазик нема да имаат никакво влијание на неговиот статус во Европската Унија.

Вели дека македонскиот јазик е јасно признат од 26 земји-членки на ЕУ и тоа значи дека ќе биде признаен како официјален јазик на Унијата.

„Нормално, една земја-членка секогаш има право со некоја еднострана изјава да изрази своја резерва, но тоа сигурно нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во Европската Унија“,

вели Предан.

Прашан дали таквата изјава во иднина би можела да биде проблем во интегративниот процес, словенечкиот амбасадор рече дека 26 земји-членки кои го признаваат македонскиот јазик не можат да прифатат евентуално бугарско вето поради јазикот.

Предан сепак предупредува дека во текот на процесот на преговори може да се создадат многу ситуации за пречки од членките на ЕУ.

„Тоа го доживеавме сите кои преговаравме. Јас морам да ви го кажам тоа што луѓето можеби ние не го знаат. И ние, Словенија пред да ги почне преговорите имаше отворено прашање со еден од соседите. Ние моравме на нивно барање да го промениме Уставот. Тоа е навистина слична ситуација во тој поглед. Тогаш едноставно проценивме дека целта за влез во ЕУ е сепак поважна од тоа, да не го направиме тоа.“,

вели Предан, додавајќи дека сите членки имале ситуации во кои имале пречки за време на процесот на преговори.

Според него, најважно е што македонскиот воз кон ЕУ конечно ќе тргне од железничката станица.

„Мислам дека без обѕир на сите дилеми, на сите отворени прашања, на сите некои стравови кои можеме сите да ги разбереме, многу е подобро да се преземе тој ризик отколку да кажете: ‘Нема да преземеме никаков ризик и ќе останеме тука кадешто сме сега‘. Владата ја преземе таа одговорност и нормално гласачите во еден момент ќе пресудат дали таа одлука е добра или не. Јас сигурно верувам дека таа одлука е добра за иднината на вашата држава“,

рече Предан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.