Пратениците на денешната 115. седница ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат неколку закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

Пратениците ги усвоија предлог законите, чиј предлагач е Владата, за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека владејачкото мнозинство со усвојување на овие предлог закони на Владата, го крши највисокиот акт во државата, заедно со Деловникот на Собранието.

Денеска пред нас се наоѓаат пет закони кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д, на кои оваа Влада се одлучи по којзнае кој пат да го злоупотреби европското знаменце. Ова значи дека сега ќе имаме опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт  на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите, оцени Мицевски.

Тој побара согласно членот 136 претседателот на Собранието и во оваа фаза да ги врати овие закони и да побара од предлагачот да ги усогласи одредбите.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз се повика на повеќе членови од Деловникот за работа на Собранието , бидејки, како што рече, точките што се предлагаат на седницата се спротивни на член 135.4, член 136, член 170, 171….

На оваа сеница Владата предлага 5 закони со европско знаменце, а никаде не видовме дека има усогласување на домашното законодавство на овие закони со законодавството на ЕУ. Се работи за да се покријат коруптивините договори на договорот постигнат со „Бехтел и Енка“ и во суштина овие 5 закони се закони за амнестија на Договорот со „Бехтел и Енка“, зборуваме за коруптивните елементи. Се случлва институционален криминал Парламентот да ги покрие криминалните дејствија, што ќе резултираат со имплементација на договорот, рече Трајанов.

Маја Морачанин од ДОМ рече дека не е прифатливо овие пет закони да бидат усвоени и разгледувани со европско знаменце бидејќи не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 15:30 часот.

Овие закони, како што предложи Владата која е предлагач, ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања односно тие се со европско знаменце.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.