Борислав Крмов, пратеник на Левица во Собранието на социјалните мрежи ги навредува тие што напуштаат партијата, велејќи дека се ѓубриња.
„Нека се исчити ѓубрењето“, напиша Крмов на Фејсбук.
Носителот на советничката листа на Левица во Аеродром и советник во Општината, Дарко Масларковски неодамна објави дека повеќе не е член на политичката партија, а одлуката како што вели ја донел базирана на повеќе причини поради кои не може да остане рамнодушен.
Од Левица информираат дека го суспендирале и исклучиле од членство претседателот на Советот на Општина Карпош – Бранко Ристов; неговата партнерка Живанка Морис – поранешна координаторка на Левица-Дијаспора и советникот во Општина Аеродром – Дарко Масларковски (а.к.а. Пука Козметика).
Дисциплинската одлука е донесена заради превенирање на обидите за роварење на надворешни структури поддржани и координирани од ДПМНЕ да го саботираат процесот на собирање потписи и да нанесат предизборна штета на Партијата, преку таргетирање и контаминирање на идентификувани слаби карики помеѓу членовите.
Напоменуваме дека секој воочен внатрешен обид на непринципиелно и клиентелистичко делување, манипулирање, ширење дефетизам и шурување со одредени центри на моќ – било од обични членови или, пак, од раководни функционери на Левица ќе биде јакобински сосечен во корен! Неспособните кадри, кои се покажаа недостојни на задачата, ќе бидат заменети со нови, вредни, искрени и лојални работници. Тројца расипани си одат, триста чесни доаѓаат!
Автентичниот раст и масовната народна поддршка на Левица ги плаши буржујските квислиншки партии СДС и ДПМНЕ, поради што не бираат средства за напади кон нас. Ова е познато и веќе видено сценарио во секој изборен циклус досега, на што сме навикнати – па затоа и овојпат истото ќе биде навремено пресретнато од искусното партиско раководство, кое има целосна доверба и контрола во Партијата.
Затоа, нема да дозволиме изневерување на тешко стекнатата доверба од народот – и бараме оставка на Ристов и Масларковски од функциите кои ги узурпираат во општинските совети и враќање на нивните советнички мандати во рамките на легитимитетот кој ѝ е доверен на нашата советничка листа, се вели во соопштението на Левица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.