Пратениците попладнево расправаа за Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи, кој е 14 точка од 71 седница. Претходно, во Собранието заврши расправата по Предлог-законот за финансиска стабилност, за кој пратениците дебатираа неколку дена. По точката, ќе се гласа на некој од наредните седници.
За пратениците од опозицијата, во Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи најспорно е што се предлага формирање на независно тело Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија, со кој, според нив, власта ќе има увид во финансиската состојба на фирмите, со што се отвора можноста за злоупотреба. Според владејачкото мнозинство, овој предлог е со европско знаме и носи усогласување со меѓународните стандарди, а предлог-текстот е подобрен со амандмани.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Вељановски рече дека, според стручната фела, се работи за закон кој се врши окупација и злоупотреба на работата на сметководителите. Тој истакна дека предложеното законско решение, не е воопшто во согласност со европските директиви, и покрај тоа што тој се предлага со европско знаменце.
– Сметководителите побараа овој дополнет-предлог да биде повлечен, односно да не се поддржи од пратениците, оти нивните предлози не беа земени предвид. Воопшто не се слушна нивниот глас и затоа тие одржаа протест. Ние како пратеници треба да ја поддржиме оваа фела, од која егзистираат многу семејства, и да не дозволиме да им се дава дополнителни трошоци, обврски и контроли и да се испочитуваат нивните барања, рече Вељаноски.
Тој потенцира дека од пет члена во Советот, кој треба да се формира, двајца ќе бидат на предлог на министерот за финансии, што значи големо влијание ќе има извршната власт.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска рече дека Комората на сметководители реагира оти законот се носи во нетранспарентен и неинклузивен процес, за разлика од изјавата на владата која рече дека предлог законот се заснова врз начелото непристрасност, независност, стручност, транспарентност и законитост при вршење на сметководствените работи.
– Најспорно овластување кое е предвидено за Советот, кој треба да се формира, е што тој иницира контрола на трговци поединци – сметководители, трговци поединци – овластени сметководители, друштва за вршење сметководствени работи до Институтот. Дополнително, се предвидува Советот по потреба да учествува во постапките на контролирање на друштвата за вршење сметководствени работи и трговец поединец – сметководител, односно овластен сметководител, истакна Лозановска.
Пратседарелот на Собранието Талат Џафери даде еден час пауза, а дебатата за Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи, треба да продожи во 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.