Во Собранието во тек е расправата за предложениот Предлог-буџет за 2023 година. Дополнетиот Предлог-буџет за 2023-та е прва точка на дневниот ред на денешната 97. седница на Собранието.

На почетокот од седницата министерот за финансии го образложи Предлог-буџетот посочувајќи дека истиот е во согласност со златното правило во јавните финансии – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти.

За пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски „овој Предлог-буџет е историски највисок, нереален, надуен балон којшто е во прашање кога ќе експлодира“.

– Најголемиот буџет досега, дури 5,3 милијарди евра, што во една реченица би се опишал како буџет за склучување на договори во четири очи. Ова е буџет со повисок буџетски дефицит од 4,6 проценти или 700 милиони евра кој ќе донесе јавен долг од 64,4 проценти од БДП. Во прашање се доведува фискалната одржливост односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските, нагласи Стојановски.

Од даноци, како што додаде, државата планира да собере повеќе од половина од парите или 3,4 милијарди евра, 352 милиони евра или 19,2 проценти повеќе од 2022 година од кои најмногу од ДДВ.

– Владата планира да направи класичен арач и репресија врз даночните обврзници. На тој начин власта планира да собере 28 милијарди денари повеќе по основ на даноци, приходите од данокот на личен доход планираат да ги зголемат за 26 проценти или 65 милиони евра повеќе, а размислуваат за дополнително оданочување на производи како и за повторно враќање на зелениот данок, потенцира Стојановски.

Со овој Буџет, според него, Владата сака да ги казни граѓаните зашто пред 12 месеци, како што кажа, „жестоко беа поразени на избори“.

– Оваа власт ќе биде симната на предвремени парламентарни избори со огромен пораст како порака од осиромашениот народ и уништеното стопанство, рече Стојановски.

Министерот Бесими, пак, нагласи дека овој Буџет има среднорочна диоптрија, не гледа само на 2023 туку на период од пет години.

– Во таа петгодишна диоптрија на Буџетот се гледаат неколку аспекти – прво промена на структурата на Буџетот во прилог на капиталните расходи, поддршка на развојот во самите субвенции и трансфери се гледаат политиките за одговор кон кризата. Во тековните расходи се намалуваат другите непродуктивни трошоци како во делот на патни трошоци, дневници, договорни услуги. Важно е дека во овој Буџет, дефицитот е на исто ниво со лани, рече Бесими во реплика.

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ дополни дека во Буџетот за 2023 година се планирани 800 милиони евра за капитални инвестиции, 250 милиони евра помош за антикризни мерки, 1,2 милијарди евра за исплата на пензии. Патни трошоци, додаде, се намалени за 80 милиони денари, набавка на нови возила намалени за 33 милиони денари, а 250 милиони евра се планираат во делот на патната инфраструктура.

Според пратеничката Иванка Василевска не чека тешка и неизвесна година во која, како што рече, „торбите на моќниците ќе се полнат, а џебовите на граѓаните ќе бидат празни и оваа агонија ќе трае се додека нема промени“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.