Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери денеска до Собранието поднесе Информација за состојбата во Судскиот совет, која бараат да биде ставена како точка на дневен ред на наредната пленарна седница закажана на 10 мај. Опозицијата бара, како што вели, да се разјасни катастрофалната и конфузната состојба во која се наоѓа Судскиот совет, а која довела до противуставно и противзаконско разрешување на претседателката Весна Дамева.
– Поднесувајќи ја оваа Информација до Собранието, ние бараме итни и брзи одговори од најодговорните кои го доведоа Судскиот совет до ниво на приватна и лична алатка за меѓупартиски и меѓукоалициски обвинувања и пазарења, но и од оние кои претходно дадоа поддршка на Весна Дамева, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа, кои се избрани токму овде во Собранието, од колегите од владејачкото мнозинство, изјави заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова.
Според опозициските пратеници, скандалозното „разрешување“ на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, од страна на нејзиниот заменик Селим Адеми, без никаква процедура, спротивно на Уставот, законите и Деловникот на Судскиот совет, е само еден од доказите дека во државата нема владеење на правото, нема почитување на највисокиот правен акт, легислативата, туку само слепо, како што велат, извршување наредби од политичките партии на власт.
– За потсетување, уште во 2019-та година, при изборот на Весна Дамева за член на Судски совет, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ укажуваа дека овој кандидат не е подобен поради тоа што има политичка заднина и активно учество во политичка партија, не само како обичен член, туку како член на органите на партијата на власт, СДСМ, вели Панова.
Но, и покрај укажувањата на опозицијата дека Весна Дамева не може да биде член на Судски совет, таа во декември 2022 година станува негов претседател, доаѓајќи на местото на Павлина Црвенковска која, според Панова, се повлекла од функцијата поради судири и несогласувања помеѓу судско-бизнис елитата.
– Сега, само неколку месеци подоцна, откако Весна Дамева го води Судскиот совет, целата македонска јавност е сведок на уште еден скандал кој несомнено ќе придонесе довербата на судството да падне и под оние веќе мизерни 3 проценти доверба на граѓаните во судството, потенцира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, постојано укажувале дека вакви кандидати не се подобни да одговорат на функцијата, која впрочем треба независно и стручно да ја извршуваат и да го заштитат угледот и независноста на судството во целина, сепак мнозинството не отстапи од својата намера.
– Веќе години наназад апелираме за сите грешки, сите погрешни кадрови одлуки и сите злоупотреби во судството, но власта упорно и тврдоглаво си извршува партиски и политички нарачки, без притоа да води грижа за последиците. Власта постојано ги игнорира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои како народни избраници постојано пробуваме да укажеме на оваа состојба во судството со цел да се подобри истата, но таа не само што не се подобрува, туку и дополнително се влошува, а разочараноста кај народот е сè поголема, рече Панова.
За жал, како што вели таа, токму поради ваквото самоволно однесување во изминатите неколку години, судството е речиси распаднато и со рекордно најниска доверба од граѓаните која резултира со мизерни 3 проценти доверба, односно 97 проценти од граѓаните не веруваат во квалитетот на судството и во неговата независност.
– Ова се срамни бројки кои никогаш досега ги немало во судството. Токму затоа, бараме да се преземат сериозни чекори за утврдување на одговорноста за катастрофално ниската доверба во судскиот систем и срамот којшто и е нанесен на државата. На крајот, бараме да не се заобиколуваат процедурите, да се почитува Деловникот и оваа Информација, како прва точка да биде ставена на наредната пленарна седница закажана на 10 мај. Ова е тема којашто не може и не смее да биде игнорирана, подвлече Панова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.