Учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, беа тема на дводнавната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, што се одржа вчера во Скопје, соопшти македонскиот тим во Комисијата.

-Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година, беше наведено во соопштението.

Средбата помина без прес-конференција или изјави за медимите на членовите на двата тима во заедничката комисија. Но, за една од домашните телевизии член на бугарската комисија, така, во одење, одговарајќи на новинарско прашање дали било разговарано за Охридската архиепископија кратко одговори-НЕ!

Односот на бугарските историчари, посебно кон нашите членови на комисијата, не треба никого да изненадува. Зашто, проф.Иван Илчев, на пример, во негов текст од 6 септември годинава за 24 Часа, со наслов „Македонците на нашите разговори за историјата гледаа како на трговија на пазар“, јасно ни претстави како се одвивале раззговорите.

-Што се однесува до нивните препораки кон нас, паметам дека кога почнавме да работиме заедно, наивно имав надеж дека ќе влегуваме во научни дискусии. Но, се покажа друго-македонските колеги, меѓу кои има и некои почитувани историчари, на нашите разговори гледаа како на трговија на пазар „ти ми даваш мене, јас на тебе“. Бараа некаков баланс, напиша меѓу другото Илчев.

Ефект од ваквото мајтапење со ограничените стручни знаења на македонските „калпазани“ членови на комисијата, за жал, може да важи за личности со интегритет. Ама, како „органски“, партиски и политички инструирани „историчари“ тие можат да свиткаат кичма и со образ ѓон да се вртат на сите страни. Какви политичари, такви „историчари“!

Очигледно, копретседавачот од македонска страна, академик Драги Ѓоргиев, како да не е од тука, па ни глуми „Театар лево ќоше“.

Ѓоргиев е должен на домашната јавност да и објасни како е можно да се разговара за средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура во нашите учебници, а притоа да не се спомене Охридската архиепископија?! Зашто, по „продавањето“ на петте историски личности на целосно бугарскиот историски наратив од средниот век, не може да остане не чепната и Охридската архиепископија, анализира „Пресинг ТВ.“

Со светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и Цар Самоил, нашите „органски историчари“ направија огромна штета, а таа ќе биде ненадоместлива ако се обидат да направат било каква екскурзија на сметка на Охридската архиепископија. Свети Климент е патрон на македонската црква, а самото име Охридска архиепископија лежи во основата на целосната разврска и добивањето томос за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Да не биде утре дека нејзината „бугаризација“ била договорена како на ат пазар уште пред…години, а ние обичните смртници сме молчеле!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.