Повеќе верба даваме на материјалните докази, отколку на изјавите, нив ги анализиравме во смисла дали е можно, не е можно, потврдено, претпоставено, и така натаму, изјави вештакот Љупчо Постолов во врска со анализата на движење на автобусот во случајот за несреќата кај Ласкарци.
Ова беше одговорот на прашањето од јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, дали ги земале предвид исказите на сведоците кои биле будни и кои даваат објаснување какво било движењето во првиот дел од од патот.
Според вештакот, автобусот не ја прател постепената блага кривина и од тие причини дошло до таа појава.
Повеќе пати одевме и проверуваме и своите животи ги стававме во опасност. Главното беше кога сообраќајот беше регулиран од страна на припадниците на МВР, рече вештакот, образложувајќи како дошле до заклучоците од супервештачењето.
Според Постолов, можело да има реакција за сопирање со насочување на воланот кон десно.
Од сето тоа ние заклучивме дека возачот на автобусот не реагирал, иако имал можноста, односно освен со нога, можел да реагира со рака, раце, за времетраење од 0,5 секунди, а од првата трага до ударот во првата ограда поминале 1,67 секунди што укажува дека возачот имал доволно време да реагира, рече вештакот.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени. Покрај Постолов, во тимот вештаци кои го изготвија сообраќајното супервештачење се и вештаците Јакуп Мамути и Невзат Зеќири. Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвија машинското супервештачење, а во моментов и на вештите лица кои го изготвија сообраќајното супервештачење.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година и го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.