Повеќе од десет активни пожари има на територија на државата, но не е загрозено ниту едно населено место, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Во видео изјава, Ангелов посочува дека неколку сериозни пожари има на планината Серта, а активни се и пожарите во општина Чашка меѓу селата Габреник, Богомила и Мокрени во должина од околу 30 километри и на планината Лисец, како и на територија на општина Македонски Брод каде гори борова шума. Од денес активен е и пожар над селото Мрзенци во општина Гевгелија каде дејствувале „ер тракторите“ и, според Ангелов, има резултат.

– Во овој момент неколку сериозни пожари има на планината Серта коишто повторно почнаа да беснеат со големо темпо. Едниот пожар е над воениот полигон Криволак во насока на военото стрелиште Пенуш. Се обидовме да го сопреме на земјениот пат, но за жал, на една точка премина на другата страна и почна да го шири фронтот, иако можам да забележам дека сега ја губи снагата. Вториот пожар на планината Серта е над селото Пухче кој се движи над селото Селце каде гори шума. Третиот пожар на планината Серта е од неготинска страна веднаш под ловиштето и четвртиот пожар е над селото Калањево, кој беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат, но денеска повторно е активен. Веднаш делувавме за да не се прошири, но воздухоплвите моравме да ги упатиме итно на друга локација, појаснува Ангелов.

Активен е и пожарот кај прилепско Небрегово кој се движи во насока на планината Мукос. Еден крак, како што вечерва изјави Ангелов повикувајќи се на добиени информации од терен, се движи кон манастирот во Небрегово.

Пожарите се гасат и од земја и од воздух. Вклучени се припадници на Армијата, полицијата, шумските стопанства и воздухоплови. Во земјава е прогласена кризна состојба во траење од 30 дена.

Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека во рамки на оперативната акција „Пожар 2024“, по добиена пријава на телефонскиот број 112 е приведен велешанец кој палел делови од автомобил во близина на депонија и предизвикал пожар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.