Чекор напред е последниот извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа во кој се укажува дека Бугарија се уште не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права, оценува првиот човек на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков.

Стојков, во изјава за Канал 5, посочува дека Бугарија од 2016 година е ставена под силен мониторинг и била принудена да прави разни мерки за избегне казни, но не успеала во тоа.

– Ова е чекор напред. Веќе од 2016 година Бугарија е ставена под засилен мониторинг и беше принудена да прави повеќе маневри за да избегне казнени одлуки. Меѓутоа во тоа Република Бугарија не успеа, напротив секоја следна одлука беше се појасна. Полека се сфати во Комитетот на министрите дека не е во прашање некои грешки од страна на македонските организации, туку случај на системска дискриминација, вели Стојков.

Повеќе години Бугарија не ги спроведува пресудите на ЕСЧП и не дозволува да се регистрираат здруженија на македонското малцинство во Бугарија.

Комитетот на министри на Советот на Европа во својота последна одлука, објавена по кварталниот состанок за мониторинг над извршувањето на пресудите и одлуките на судот во Стразбур одржана од 17 до 19 септември, на бугарските власти им дава рок до 16 декември да даде одговор на сите овие прашања и одлучува да го продолжат испитувањето на овие случаи на нивниот состанок во март 2025 година

–   Изрази жалење што, и покрај мерките усвоени од властите помеѓу 2018 и 2024 година, усвојувањето на Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки, повеќе од 18 години по првата правосилна пресуда во оваа група, здруженијата кои имаат за цел „да го постигнат признавање на македонското малцинство“ и понатаму рутински им се одбива регистрацијата главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели; забележа, исто така, дека очигледно неконзистентната примена на формалните барања покренува прашања за правна сигурност за апликантот и слични здруженија, се вели во извештајот на Комитетот.

Во одлуката Комитетот потсетува дека оваа група случаи се однесува на неоправдано одбивање на судовите, во периодот од 1999 до 2015 година, да ги регистрираат здруженијата апликанти врз основа на размислувањата за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели кои имаат за цел „признавање на македонското малцинство “ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и неисполнување на формално-правните барања (повреда на член 11).

–  Силно ги повика властите да преземат решителна акција што Комитетот ја повика во своите претходни одлуки за да се осигура дека секое ново барање за регистрација на здруженијата апликанти или слични здруженија се испитува во целосна согласност со обврската од член 11 од Конвенцијата за заштита правото на слобода на здружување, се вели во извештајот.

Во меѓувреме и македонското МНР изрази задоволство од последниот годишен Извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа за состојбата со имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права, групата случаи “ОМО Илинден и другите против Бугарија”, во врска со одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.