Собраниската Комисија за избори и именувања попладнево го утврди предлогот Фатмир Скендер да биде избран за судија на Уставниот суд.
Пратениците-членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата со мнозинство гласови „за“ попладнево го утврдија предлогот тој да биде судија на Уставниот суд. Против гласаа пратениците од опозицијата.
По гласањето по предлогот, претседателката на Комисијата Марија Георгиевска ја прекина седницата, а нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова во дискусијата рече дека дел од вината за нефункционалноста на Уставниот суд има и Собранието и затоа, според неа, мора да се воведе одредба дека постапката за избор на уставен судија треба да започнува шест месеци пред истекот на мандатот на стариот. Таа забележа и дека еден ден ќе се треба да се доведе во прашање големата моќ што ја има Комисијата за прашања за изборите и именувањата во изборот за функциите бидејќи, како што рече, една група луѓе да седи и да одлучува е остаток од времето на комунизмот.

На почетокот на дискусијата за Фатмир Скендер, неговата биографија кратко ја прочита пратеникот Бејџан Иљас, а потоа за збор се јавуваа само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, додека од владејачкото мнозинство не дискутираа.

Сите забележаа зошто не беше прифатен нивниот предлог секој од кандидатите да биде повикан на седница на Комисијата за самиот да се претстави и да може да му се постават неколку прашања.

„Зошто како пратеник и член на оваа Комисија се чувствувам хендикепиран да гласам по овој предлог? Не го познавам човекот и ќе беше многу корисно ако тој предложен кандидат тука имаше лично претставување. Не го потценувам претставувањето од пратеникот, но друго е кога некој конкурира да се претстави лично и да нè убеди зошто треба да му се даде предност како кандидат за член на Уставниот суд. Ние имаме биографија, но се тоа е едно сувопарно парче хартија на кое му недостига личноста која би се обратила во живо. Ваквиот начин на одлучување ќе остави можност за недоволна запознаеност на сите членови и заменици, голем дел од нив нема да знаат за кого гласаат“, рече пратеникот Антонио Милошоски образложувајќи зошто нема да гласа „за“.

И неговиот сопартиец, Миле Лефков, во дебата посочи дека со тоа што кандидатите не се повикуваат лично да се претстават се создава непотребен сомнеж.

„Немаме никаква фотографија од човекот кој се очекува да биде уставен судија. Се однесуваме кон нив како кон апстрактна материја, не велам дека е лош кандидат, но сметам дека е редно ако за кое било работно место се пријавуваат и разговараат, редно е овде да ги видиме“, рече Лефков.

Освен предлогот Фатмир Скендер, граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, како и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.