Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов да го напушти ЗЕЛС е погрешна и дека тоа е негова одлука, а не на општината.

Не верувам дека Струмица најави напуштање на ЗЕЛС, најави градоначалникот на Струмица. По мене, тоа ќе биде погрешна одлука, но тоа е негова одлука, иако мислам дека таа е донесена во една поспецифична состојба и мислам дека е потребно најпрво да се консултира со Советот, а ако и Советот така неодговорно се однесува кон струмичани, тогаш нека им е со среќа – рече Мицкоски по денешната прес-конференција во Владата.

Очекува на следните локални избори, Струмица да добие градоначалник, кој, како што рече, ќе мисли на струмичани, а не на своите лични партиски фрустрации.

Од Општина Струмица во четвртокот официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.