Горди сме како нација, што Договорот со ФРОНТЕКС е прв потпишан со Европската унија на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и со овој документ тие се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ. На овој начин, македонскиот јазик и идентитет се неприкосновени и втемелени и во европското законодавство.
Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на свеченото одбележување на почетокот на „Заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Македонија“, како дел од договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во соработка со нашите припадници на полицијата, кои ја претставуваат нашата држава.
Тој им се заблагодарам на пратениците кои што гласаа за ратификување на овој Договор и ги повика оние кои што изразија сомневање дека тој ќе се имплементира, критикуваа, фрлаа молотови коктели врз Собранието, врз Владата и врз МНР, да им се извинат и нему и на министерот за надворешни работи.
– За нас ФРОНТЕКС значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност, рече Ковачевски.
Тој подвлече дека освен преку Договорот со ФРОНТЕКС и преку носењето на заеднички одлуки за светската безбедност и учество во заеднички операции во рамките на НАТО, за што неодамна ја одбележавме и тригодишнината од нашето членство во Северноатлантската алијанса, меѓународното признавање за напредокот кој го постигнува земјава се реализира и преку нашето претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, во годината на најголем предизвик на европскиот континент после Втората светска војна.
– Со решителни чекори, продолжуваме со европската агенда, продолжуваме со исполнување на сите неопходни критериуми за членство во Европската унија, како и усогласување на нашето со европското законодавство. Свесни сме за предизвиците, свесни сме и за тежината со која понекогаш треба да се носат храбри и вистински одлуки како во минатото така и во претстојниот период. Свесни сме и за дезинформациите и за лагите кои што ги имало, ги има и ќе ги има во иднина. Меѓутоа нема враќање назад кога верувате во праведна и кога верувате во голема цел. Единствениот стабилен и безбеден пат за нас е ЕУ, порача Ковачевски.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, која заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во октомври лани го потпишаа Договорот со ФРОНТЕКС, изрази задоволство што по повеќе од пет години планирање, конечно имаме полициски службеници од ФРОНТЕКС заедно со нивните колеги од македонската гранична полиција, кои ќе обезбедат сигурност и ефективно менаџирање на границите.
– Во изминатите години Република Македонија ја покажа својата посветеност да ги спречи нелегалните гранични преминувања и да се бори со криминалните групи кои демнат во сенките, профитирајќи од човечките катастрофи. Властите во Република Македонија, ги пресретнаа овие предизвици, задржувајќи ги заедничките вредности, осигурувајќи дека границите на државата се обезбедени, во хармонија со заштитеното достоинство на оние кои се обидуваат да ги преминат, рече Јохансон.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека одбележувањето на почетокот на операциите на ФРОНТЕКС во земјава е уште еден позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Македонија.
– Во пракса, благодарение на оваа заедничка соработка помеѓу ФРОНТЕКС и граничната полиција, границите на Република Македонија ќе бидат побезбедни, а напорите на Европа за борба со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и други криминални активности ќе бидат засилени, што е заеднички интерес на сите нас, истакна Гир.
Извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс, оцени дека денешниот ден претставува значајна позитивна пресвртница, подвлекувајќи дека започнувањето на заедничката ФРОНТЕКС мисија ќе ги зајакне границите на земјава.
– Овде најдовме посветен партнер кој ја дели нашата посветеност на одржување на интегритетот на нашите граници. Заедно ќе работиме неуморно за заштита на нашите граѓани и да обезбедиме безбедност и сигурност за целиот регион, рече Лајтенс кој беше кодомаќин на настанот.
Министерот Спасовски,пак, како домаќин на церемонијата, потенцираше дека овој заеднички настан со ФРОНТЕКС испраќа една многу важна порака – дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција, а современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.
– Зајакнувањето на соработката со ЕУ и, воопшто, исполнувањето на приоритетите од европската агенда носат конкретен бенефит за нашите граѓани. Бидејќи нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така
и на Европската Унија. Во оваа заедничка акција чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици, потенцираше министерот Спасовски.
Операциите на ФРОНТЕКС првично ќе ја покриваат јужната граница со Грција, а подоцна е предвидено да се прошират и да ги опфатат границите со Србија и Албанија.
Полициските службеници од ФРОНТЕКС и нашите гранични полицајци ќе учествуваат во заеднички тренинг активности за развој на капацитетите на гранична контрола преку размена на оперативни информации, професионално искуство и најдобри воспоставени практики, а ќе работат под команда и контрола на македонската Гранична полиција
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.