Премиерот Димитар Ковачевски го осуди отворањето на бугарскиот културен клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид, чие отворање беше најавувано со месеци, а се случи денеска во напната атмосфера и со протест против контроверзното име на клубот, на кој учествуваа неколку стотици граѓани.
„Го осудувам отворањето на тој културен центар со такво име, иако го имаат отворено граѓани на нашата држава. Сметам дека тоа е провокација, која никому не му носи добро. Сметам дека отворање културен центар треба да носи име на некој кој зближува, а не на некој кон кој граѓаните во оваа држава имаат негативни чувства, не само Македонците, туку доминанто и Евреите бидејќи знаеме што се има случено со еврејската заедница во нашата држава во Втората светска војна. Треба да се има почит од организаторите на тоа здружение“, изјави вечерва Ковачевски во гостувањето на ТВ21.
Тоа, според премиерот, е аспектот на осуда и на провокација. Тој смета дека тоа се „мали групи кои имаат некакви свои, лични интереси во формирањето клубови со такви имиња“.
Прашан кои се луѓето што го прават тоа, Ковачевски рече дека не ги знае и дека тие не се блиски до СДСМ или поврзани со партијата.
Спред него, од легалистички аспект ние имаме „премногу либерално законодавство во делот на организирање НВО и здруженија и во делот на определување имиња, дури и на трговски друштва и компании“. Затоа, како што додаде, Владата го формирала ад хок телото во Министерството за правда кое ќе ги разгледува предлозите за имиња на новоотворените здруженија.
„Се подготвува нов закон за здруженија на граѓани, кој треба ова да го превенира. Ги повикувам сите политички партии да учествуваат во финализирањето на ова законско решение бидејќи на такви групи и поединци кои веќе втор или третпат злоупотребуваат чувства на граѓаните на оваа држава заради лични треба да сестави крај“, рече Ковачевски.
Претходно денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше првиот висок владин функционери кој го осуди отворањето на бугарскиот клуб со контроверзно име, велејќи дека неговиот личен став е дека е „апсолутно неприфатливо да биде промовиран начинот на однесување преку ликови кои биле дел од фашизмот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.