Грчката поддршка за ЕУ перспективата како на Македонија и Албанија, така и на останатите земји од регионот, уште еднаш ја изрази портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина истакна дека Скопје и Тирана треба веднаш да ги започнат преговорите.

Ние вложуваме секакви напори и им го потенцираме тоа и на нашите европски партнери и на земјите од регионот и нашата позиција е дека овие преговори за интеграција треба да започнат веднаш и дека не постои простор за дополнително доцнење. Сепак, потребно е да постои едногласна одлука од Европската Унија за почеток. Но, нашата позииција, беше е и ќе биде јасна и тоа им го кажавме на сите наши соговорници, рече Папајоану, на прашањето на МИА во однос на тоа дали по посетата на Дендиас на Македонија и Албанија постои оптимиам за итен почеоток на преговори со ЕУ.

Говорејќи за турнејата на шефот на грчката дипломатија на Западен Балкан, Папајоану објасни дека една од пораките што ги упати Дендиас е дека „не треба да се загуби моментумот“, а земјите од регионот како основна перспектива да го задржат европскиот курс, бидејќи Грција смета дека тоа во корист и на регионот и на ЕУ, за да го поддржи проширувањето на стабилноста.

Додаде дека „независно од барањето на Украина за членство во Европската Унија, не може да има заостанување на европскта перспектива на Западен Балкан“ и истакна дека и Грција и Европа треба да продолжат да ја поддржуваат оваа перспектива

Друга важна порака, како што рече поррпаролот на грчкото МНР е дека тие се против било каква промена на границите во регионот и пошироко.

Било каква помена на границите би имало катастрофални последици и за регионот и пошироко, истакна Папајоану.

Дендиас минатата седмица ги посети Скопје и Тирана, вчера беше во Сараево, а балканската турнеја ќе ја продолжи во вторник и среда со посета на Подгорица и Приштина, додека пак планирано е и патување во Белград.

Следниот петок, на 10 јуни, како што веќе има објавено МИА, во Солун ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и Самит на високо ниво со што ќе се означи крајот на грчкото претседателство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.