Со поставување на камен-темелник, денеска, беше означен почетокот на градба на новото основно училиште „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, каде присутни беа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека новиот објект ќе биде финализиран за околу 2 години, со просторна функционалност од околу 3600 метри. На приземјето и двата ката, Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простори.

Времето си го направи своето и постоечката училишна зграда, веќе не може да ги задоволи потребите на современото образование. И затоа денес ова не е само чин на поставување на камен-темелник на новото училиште, туку и на едно цело ново поглавје кое ќе биде одбележано со новиот дом на многу идни генерации наши ученици овде. Новиот објект кој ќе биде финализиран за околу 2 години ќе обезбеди просторна функционалност од околу 3600 метри квадратни, рече Ѓорѓиевски.

Премиерот Мицкоски истакна дека на третиот ден од неговото преземање на функцијата, ветувањето пред граѓаните во Драчево за изградба на нов објект е исполнето. Тој нагласи дека инвестицијата е вредна повеќе од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет.

Трет ден уште едно ветување исполнето пред граѓаните, граѓаните во Кисела Вода, во Драчево ќе добијат објект после 100 години училиште. Стариот објект е стар точно 100 години. Јас би сакал да посакам многу деца да го користат овој нов објект, бидејќи децата се нашата иднина и сè што правиме во нашите животи правиме за дечињата, да бидеме горди на тие што ќе нè наследат. Продолжуваме офанзивно, со жестоко темпо на реализирање на ветувањата. Би сакал да напоменам дека инвестицијата е поголема од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет, рече Мицкоски.

Додаде дека во ребалансот на Буџетот ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините.

Во текот на вчерашниот ден во доцните часови имав состанок со министерката за финансии, денеска продолжуваме да работиме, го подготвуваме ребалансот и можам да кажам дека во ребалансот ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините. Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил некаде во месец август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за градба, за да се фати есенската градежна сезона. Иако тоа претставува една третина од годината, средствата се малку повеќе од една третина. Од оние 15 милијарди кои ги предвидуваме од буџетот за реалокација кон општините, не се пет милијарди, туку се шест милијарди денари, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.