Низ социјален дијалог и без политичко влијание ќе се дојде до решение за платите во јавниот сектор, потенцираше вечерва премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи рекордно зголемување на пензиите коешто не е политички мотивирано.
Претседателот на Владата во гостувањето на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 нагласи дека Владата води транспарентни разговори со сите синдикати и дека тој секогаш е на страната на работниците.
– Треба низ социјален дијалог, како што било до сега и како што ќе биде, и низ социјален дијалог ќе дојдеме до решение. Да нема политички влијание, ние покажавме и низ штрајкот на СОНК дека нема политичко влијание од оваа Влада, не беа носени заменски наставници, децата не одеа во училиште две недели, никој не вршеше притисок, посочи Ковачевски.
Премиерот истакна дека во услови на увезена инфлација и светски кризи Владата ја зголеми минималната плата на задоволство на синдикатите. Сепак, како што додаде, дел од нив не сакаа да се постигне договор, веројатно политички мотивирани и сега ги гледаме со протести.
Тој информираше дека ќе има и воспоставување на методологија на раст на пензиите.
– Ќе имаме сега историско најголем раст на пензиите кој што не е политички мотивиран, туку кој што е методолошки и не е во изборна година. Истото треба да биде и со платите во јавниот сектор, порача Ковачевски.
Премиерот истакна дека неговата Влада е единствената која во првите 100 дена одржала толку многу седници за носење одлуки за справување со енергетската криза.
– Производството на електрична енергија го имаме низ факти и бројки, тие покажуваат дека имаме максимално производство на струја во изминатата година. Ние сме единствената Влада која во првите 100 дена одржала толку многу седници за носење одлуки за справување со енергетската криза, во полн капацитет се РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино и менаџментот на ЕСМ има јасна задача се што е неопходно да се обезбеди за непречено производство. Цената на електричната енергија на светските пазари е малку падната, но ние секако дека мораме да имаме суровини, да имаме полно производство. Немаме 50 години инвестирано во овие системи, ама сега тоа ние го правиме, Ковачевски.
Премиерот додаде дека за Чебрен и Галиште одамна се зборува, но, како што рече, оваа Влада го внесе тој проект во втора фаза, има десетина понудувачи за тој капацитет.
– Се подготвува документацијата која е неопходна да се поднесе. Дополнително инвестираме во обновливи извори на енергија, ќе градиме соларна централа во штипско, а има и голем број светски компании кои сакаат да влезат во енергетскиот сектор. Затоа ќе укажам дека е неодговорно да се мисли само на себе во време на ваква глобална криза. Јас сум во постојана комуникација со Србија, со Бугарија, за да овозможиме непречен проток на храна и непречена трговија, наведе Ковачевски.
Премиерот посочи дека ребаланс Буџетот можен кон крајот на мај или почеток на јуни, додавајќи дека за и да има некакви блокади во Собранието тој сепак ќе помине.
– Финансирањето на дефицитот во буџетот, заради падот на финансиите во цела Европа и планирањето на сите буџети, не само на нашиот, не било планирано според некои цени, особено пред кризата во Украина. Министерството за финансии и Народната банка пристапија сериозно и мораа да најдат извори на финансирање. Тие мора да го најдат вистинскиот извор, рече Ковачевски.
Во врска со разговорите со ММФ, премиерот рече дека не станува збор за никаков аранжман како што сака да манипулира опозицијата, туку за еден од инструментите на Фондот со далеку поповолни услови.
– Таков инструмент имавме и минатата година, а тој потоа ви дава можност да се зборува и со други инвеститори за обезбедување финансии. Министерството кога ќе заврши со преговорите ќе излезе пред јавноста и јасно ќе биде кажано за што станува збор и под какви услови, посочи Ковачевски.
Зборувајќи за случајот со поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, премиерот нагласи дека и тоа е потврда дека пред законот сите се исти.
– И во овој случај со Зекири, и во сите други случаи покажуваме дека пред законот сите се исти. Јас како премиер нема да толерирам незаконско однесување, но мораме да имаме предвид и презумпција на невиност, затоа истражните органи согласно законите да си работат и одлуките кои ги носат да се законити, изјави претседателот на Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.