На денешната собраниска седница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски упати две пратенички прашања, првото прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и второто до премиерот Димитар Ковачевски.

Петрушевски посочи дека како министер Оливер Спасовски врши брутална партизација на министерството за внатрешни работи и тоа за да не биде политичка флоскула ќе го поткрепам со факти и аргументи.

„Во Министерството за внатрешни работи, вработувате поранешна пратеничка на СДСМ од Тетово. Во министерството за внатрешни работи враќате личност која претходно е осудена и лежела затвор за организиран криминал и го  назначувате одговорен за обезбедување на објекти од витално значење за државата. Во МВР вие лично со решение поставувате началници кои надвор од законот и покрај тоа што се вработени во МВР имаат приватни фирми за продажба на огнено оружје, муниција, стрелиште. Вашите раководни кадри кои вие ги поставувате како министер изминатиот период можевме да ги видиме како гордо се сликаа на партиските трибини на СДСМ буквално во секој град, секој раководител на секторите при МВР“, кажа Петрушевски.

Петрушевски го запраша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дали смета дека е крајно време да престане со бруталната партизација на министерството за внатрешни работи?

„Почитуван премиер ќе изнесам една информација која е загрижувачки сериозна а која е доставена согласно законот за слободен пристап до информации од јавен карактер токму од министерството за внатрешни работи. Имено во период од 5 години сметано од 2018 до 2022  година во министерството за внатрешни работи се евидентирани вкупен број на 15,982 тужби од кои 8,046 тужбени барања се усвоени. По однос на овие тужби и тужбени барања од сметката на МВР по налози за извршени судски решенија. Во 2018 се извршени 247,794,518, 2019 222,722,203, 2020 159,123,384, 2021 197,020,736 и заклучно со 30.11.2022 година извршени се 188,950,053 или вкупно една милијарда и петнаесет милиони денари за овие 5 години“, изјави Петрушевски.

Петрушевски истакна дека денес се виде дека премиерот Димитар Ковачевски е уценет од ДУИ и дека не смее да го разреши заменикот министер во министерството за внатрешни работи по неговите скандали.

„Дали после сите овие скандали кои ги гледаме во министерството за внатрешни работи и целото немање на капацитет да се справи со предизвици министерот Спасовски, ќе соберете барем малце храброст да докажете дека не сте насаден како претседател на СДСМ затоа што сте уценет како премиер и конечно ќе го разрешите Спасовски од министер за внатрешни работи“, го запраша Петрушевски, премиерот Ковачевски во неговото второ упатено прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.