Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, рано утрово по американско време во Белата куќа имаше средба со Аманда Слот, директор за Европа, со Дејвид Фабрицки, директор за НАТО и европски прашања и Адмир Музурович, директор за Балкан и Централна Европа при Советот за национална безбедност.

Како што информира Министерството за одбрана, на средбата станало збор за севкупната безбедносна состојба на европскиот континент, која бара единство, сојузништво и брза и ефикасна интеграција. Министерката Петровска порачала дека токму процесот на европска интеграција стана безбедносно прашање од највисок приоритет при што ја поздрави силната американска поддршка за неодложен почеток на преговорите за членство на Македонија со ЕУ.

Прашањето на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, особено во денешната безбедносна реалност во Европа е прашање од највисок приоритет. Европа и НАТО мора да останат обединети во осудата на руската агресија врз Украина и мора да работат на уште посилна интеграција на земјите кои ги споделуваат истите вредности. Македонија, со фактот дека е целосно усогласена со европската надворешна и безбедносна политика покажа дека е вистински партнер и дека својата иднина ја гледа во Унијата – изјавила министерката Петровска.

Таа подвлекла дека позитивна одлука за почетокот на преговорите е потребна веднаш зашто на тој начин ќе се зацврсти безбедноста на регионот, како важен геополитички дел на Европа, ќе се оневозможи влијанието на трети земји во Западниот Балкан и ќе се зачува кредибилитетот на ЕУ.

На средбата станало збор и за справувањето со хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите кои можат да имаат дестабилизирачки ефект на општествата во регионот.

Како што се наведува, директорката Слот изразила силна и непоколеблива поддршка за европската интеграција на Македонија, за која изјавила дека не треба да трпи понатамошно одлагање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.