Програмите за безбедносна соработка, вклучувајќи ги и воените набавки, военото финансирање, меѓународната воена едукација и хуманитарната помош, биле во фокусот на разговорите на денешната средба во Вашингтон на министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, Џејмс Хрш.

Петровска на средбата потенцирала дека модернизацијата на Армијата е главен приоритет на Министерството за одбрана, а Агенцијата за безбедносно – одбранбено соработка на САД има важна улога во овој процес.

– Со нетрпение го очекуваме првиот дел од набавката на најсофистицираните оклопни транспортери од американско производство за Армијата на Македонија. Првите шест лесни оклопни транспортери ги очекуваме да пристигнат кон средината на летото и тоа ќе биде сериозен придонес во процесот на модернизација за Армијата и дополнителна потврда на взаемната доверба и соработка меѓу Македонија и САД, истакнала Петровска, стои во соопштението од МО.

Таа се заблагодарила за континуираната американска поддршка во овој сегмент. Имено, САД од 1996 година до денеска во опрема и модернизација на Армијата на Македонија вложија речиси 150 милиони долари.

Директорот на Агенцијата, Хрш порачал дека Македонија е близок сојузник на САД и оти соработката на полето на модернизацијата и развојот на Армијата ќе продолжи да се развива. цр/са/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.