Некои од барањата поврзани со францускиот предлог се многу тешки за прифаќање за Република  Македонија. Но, она што стана јасно е дека тоа веќе не се само барања на Софија, туку барања на Европа. Односно, ние можевме да ги објасниме причините зошто овие работи што ги сакаме мора да се случат, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по редовниот состанок на Европскиот совет и на состанокот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, пренесе БНТ.

Петков призна дека имало многу тешки разговори и очекувања дека Бугарија ќе го тргне ветото, но рече дека одлуката за укинување на ветото на Македонија треба да ја донесе бугарскиот парламент.

Додека нема одлука на бугарскиот парламент, јас сам, ниту владата нема да го смениме бугарскиот став. Бугарскиот парламент сега мора да расправа и да одлучи за тезата. Тешка задача ќе биде за Република Македонија, која ќе мора да ги прифати нашите барања за да продолжи напред – рече бугарскиот премиер во оставка.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел по Самитот на ЕУ со Западен Балкан порача дека  Македонија го одбива францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија во ваква форма каков што е.

Предлогот во ваква форма како што е во моментов е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Република Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање на нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите за да се започнат преговори до крајот на јуни. Сакам да ја искористам оваа пригода и да порачам дека граѓаните може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег. Во меѓувреме Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива Европската Унија, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на живот – соопшти Ковачевски на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.