Да се укинат апанажите, премиите и бенефициите на пратениците, а не да се кратат 5000 денари од посмртнината што му следува семејството, бараат штипските пензионери.

Од Сојузот на здруженијата на пензионери побараа уште еднаш да ја преиспита одлуката што стапи на сила пред 9 дена, зашто 25 000 денари, ни од далеку не се доволни за пристоен погреб.

Апсолутно не ги покриваат, затоа што денес, по некоја слободна проценка, само сандакот е околу 20 000 денари, да не зборуваме за гробно место, крст и ред други работи. Денес, за погребување на еден пензионер, во најмала рака се потребни 100 000 денари, изјави Миланчо Маневски – Здружение на инвалидски пензионери – Штип.

Од Сојузот одлуката за намалување на посмртнината ја правдаат поради тоа што била зголемена смртноста на пензионерите во 2021 година и просечно во месец  умирале по 1800 лица, што довело до празнење на солидарниот фонд за оваа намена. Маневски не се согласува со ова нивно тврдење.

Манипулација направиле 5 лица од Сојузот, никој за тоа не одговара и никој не им бара одговорност, додаде Маневски.

Маневски се сомнева и во најавената мерка за зголемување на пензиите.

Сите велиме го решивме проблемот, а јас се прашувам, ако е така, ќе земем 3 месеци по 900 или 1000 денари, а што ќе земеме после, ако стопанството не го зголемиме за 5%? – прашува Маневски.

Од вкупно 10 000 пензионери во Штип, според нивната проценка околу 2/3 се на работ на егзистенција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.