Природните катастрофи најчесто не зависат од нас, но, сите заедно имаме одговорност да градиме систем на мерки кој што нашите држави и локални заедници ќе ги направи поотпорни во однос на последиците, рече министерот на локална самоуправа Ристо Пенов на конференција во организација на УНДП, по повод 60 годинишнината од земјотресот во Скопје.
-Ако не можеме да влијаеме на причината, сигурно може да влијаеме на минимизирање на последиците. Но, само преку изграден систем на мерки кој што безусловно ќе ги почитуваат сите. Секоја отстапка може да биде платена со човечки живот, а човечкиот живот нема цена. Спомените нека ни бидат поука дека природата знае да биде и безмилосна. Затоа пак, ние, луѓето, треба да бидеме солидарни, благодарни и многу поодговорни, заради нас и за идните генерации кои што еден ден, како и ние сега, ќе раскажуваат што ние направивме за нив.
Според Пенов, разбирливо е Скопје да биде домаќин на еден ваков настан и на овој начин, уште еднаш, да оддаде признание за огромната помош и поддршка од пред 60 години.
-На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, само 20 кобни секунди беа причина за 1070 загубени животи во истиот ден, околу 3000 повредени лица, 15 800 срушени домови. За само 20 секунди 85% од објектите во Скопје беа срушени или пак оштетени. Ова не се само бројки, ова се човечки судбини, чии што семејства и ден денеска со болка се сеќаваат на тој страотен ден, рече тој.
Пенов посочи дека по Резолуцијата на Обединетите Нации, 85 нации од светот учествуваа во директната помош за обнова на Скопје.
-Со право Скопје го носи епитетот “град на светската солидарност”. Скопје не заборава. Затоа ги имаме улиците, Хелсиншка, Каирска, Осло, основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци .
Скопје, по земјотресот, со голема меѓународна помош, организирана од Обединетите Нации, ја започна својата преродба, во модерен, урбан град.
Пенов посочи дека многу сеизмолози, хидролози, урбанисти и архитекти од целиот свет учествуваа во обновата на Скопје.
-Од овие професионалци ОН ја формираше и групата задолжена за изработка на новиот урбанистички план на Скопје. Направено е многу. Денеска Скопје е навистина убав и модерен град, на кој му е потребна поголема грижа и посветеност од сите, од надлежните институциите и од граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.