Претседателот Стево Пендаровски по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во земјава и до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху.

-На сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, ви упатувам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан Бајрам. Најискрено, ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение, стои во честитката.

Светиот месец Рамазан, како што наведува, е месец на пост, дарување, простување, месец на зајакнување на вербата, разбирањето и почитувањето на другите.

Со заедничко празнување на овој, како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, заемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество. Само сплотени можеме да ги надминеме здравствените, економските и енергетските кризи, како и сите евентуални безбедносни закани. Токму празничните денови се потсетник дека обединети, солидарни и со чиста мисла и со чисто срце, можеме да изградиме просперитетно општество и подобар, поспокоен и подостоинствен живот за сите граѓани. Честит Рамазан Бајрам, се вели во честитката од претседателот Пендаровски по повод Рамазан Бајрам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.