Седум народи веќе имаме во преамбулата на Уставот и да додадеме уште шест нема да се загрози сигурно стабилноста на Македонија и нејзината иднина, бидејќи 22 години наназад од Рамковниот договор па наваму ги имаме сите тие народи и делови од народи, а државата не пропадна, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Фронтлајн“, во однос на уставните измени.

Внатрешната кохезија, вели Пендаровски, и чувството на лојалност кај таканаречените помалубројни етнички заедници само се зголеми, не се намали и Македонија ја чувствуваат како своја татковина повеќе отколку пред 2001 година.

Како што посочува претседалот, дел опозицијата се користи со два главни наративи во однос на уставните измени.

-Објективно, јас ги слушам тие шпекулации „ако реши меѓународниот фактор, ако беше некоја моќна држава“, дека тој проблем може да се надмине. Тоа се митови. Никогаш ниеден битен, па и помалку битен проблем во Македонија не е решен од странците, вели Пендаровски и додава дека меѓународниот фактор може да поддржува одредена опција за излегување од криза, како што го прават сега Европска Унија и Вашингтон, но тие не можат да го решат проблемот наместо нас.

Пендаровски се осврнува и на вториот наратив кој како што вели го користи опозицијата, за кој посочува дека е директно спротивен на македонските стратешки, национални и државни интереси.

-Вториот наратив вели – лош е договорот со Бугарија уште полоша е таканаречената европска преговарачка рамка, кога ќе дојдеме на власт, ние ќе направиме подобар договор со Бугарија и подобра европска рамка. Овие два наративи се судираат директно еден со друг, значи не може да живеат една покрај друг, или со едниот или со другиот, ќе продолжиме понатаму да живееме. Мое убедување е дека вториот наратив која го користи опозицијата е директно спротивен на македонските стратешки, национални и државни интереси, заклучува Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.