Државата има доволни стокови резерви за задоволување на потребите на граѓаните, но проблем може да настане доколку кризата во Украина потрае подолго и тогаш ќе бидат потребни интервентни увози, изјави претседателот Стево Пендаровски гостувајќи во „Утрински брифинг“.

Тој нагласи дека токму за ова било разговарано и на вчерашниот Совет за безбедност, заедно со прашањата поврзани со безбедносните аспекти.

Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата, туку и на житото – истакна Пендаровски.

Тој додаде дека немал комуникација со рускиот амбасадор во земјава, а веројатно нема ниту Владата, но бидејќи земјава како членка на НАТО се приклучи на санкциите кон Русија очекува реципрочна мерка од страна на Москва.

Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не верувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини, а тоа не може да се сопре – вели претседателот Пендаровски, додавајќи дека ситуацијата во Украина се компликува, а целта на руските сили е да падне Киев за да почнат преговори.

Според него, во следниот период во земјава ќе се случува збивање на редовите пред она што се оценува како заедничка опасност и ризик, исто како што има во НАТО и ЕУ.

Шефот на државата потенцира дека во Македонија има забележителен број граѓани кои негуваат пријателски чувства кон Русија и дури и такви кои имаат симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин.

Неспорно е дека македонскиот народ има симпатии кон Русија поради религијата, јазиците и словенскиот етникум. Она што мене ме загрижува е дека во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија. Особено загрижувачки е што над 40 отсто од јавноста смета дека алтернатива на ЕУ е Евроазиска унија, а некои од партиите се предоминантно за оваа опција што може да направи проблем околу идните процеси – вели Пендаровски.

Тој потенцира дека не се сомнева во прозападната политичка ориентација на големите политички партии, но дека анкетите покажуваат и поинакво расположение кај граѓаните.

Голема политичка штета прави тоа што нашите западни партнери по промената на името не ги започнавме преговорите. Оти како да им се објасни на граѓаните неисполнувањето на вториот дел од референдумското прашање? – додава Пендаровски.

Според него, постои впечаток дека Западниот Балкан е објективно заборавен од ЕУ, имајќи предвид дека ние 17 години чекаме да почнеме преговори, а Србија и Црна Гора преговараат веќе 10 години.

Која е перспективата на луѓето што ние им ја нудиме? Сите се согласуваат дека Западниот Балкан е неправедно запоставен, а Европа го гледаше Балканот само од призма на бегалскиот бран – додава Пендаровски, нагласувајќи дека по завршувањето на украинската криза, би можело да дојде до омекнување на ставот на Бугарија кон земјава.

Во врска со барањата за одржување на лидерска средба, шефот на државата истакна дека не е оптимист дека таа би била продуктивна.

Кога се повикува на лидерска средба тоа значи дека Парламентот не функционира. Второ, треба да има согласност од двете страни, а тоа нема. Им предложив на двете најголеми партии да присуствуваат на Советите на безбедност што ги организирам, но не се согласија. Предложив службите да ги информираат. Се надевам дека ќе има позитивна реакција на тоа службите да ги информираат партиите за состојбите и во државата и надвор од неа – потенцира Пендаровски.

Околу барањето на опозицијата за одржување на вонредни парламентарни избори, претседателот на Републиката оценува дека тоа би довело до „закочување“ на државата и на процесите во неа.

Изборите ја забавуваат целата економска и политичка динамика – вели Пендаровски, додавајќи дека сепак доколку мнозинството пратеници во Собранието се изјаснат за одржување на предвремени избори, тој ќе го прифати тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.