Претседателот Стево Пендаровски прифаќа замена на формулацијата 20 отсто за јазикот. Тој е согласен да се замени формулацијата „20 проценти“ со терминот „албански јазик“ во Уставот. Денеска од Тетово истакна дека тој прв би ја поддржал таквата идеја.
„Прв би поддржал, бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки?“, рече Пендаровски.
Шефот на државата изјави дека е подготвен да биде домаќин на лидерска средба за уставните измени, но, како што кажа, тој не може да натера никого на сила да разговара. Претседателот појасни дека од една страна, опозицијата би сакала на маса да се најде предлогот за промена на Уставот по хрватски модел, а другата страна настојува да се разговара само за внесот на Бугарите и затоа таквата лидерска средба засега е невозможна. Разговорите за уставните измени се очекува единствено да започнат да се водат во работната група што ја иницираше Министерството за правда.
Бугарската новинска агенција БГНЕС деновиве потсети дека промената на Уставот е само една од обврските на Македонија и најлесна за реализирање, за да може Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски верува дека и покрај противењето на опозицијата, ќе има мнозинство за менување на Уставот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.