Претседателот Стево Пендаровски се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионална размена“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија во Скопје, во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование.

На форумот посветен на заштитата на критичната инфраструктура, кој има регионален формат, присуствуваа експерти од ова поле, од Хрватска, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, кои ќе имаат можност да разменат искуства и најдобри практики.

Според мене, размената на најдобри практики е најважниот сегмент, бидејќи државите во нашиот регион се наоѓаат во различни фази од процесот на изградба на сеопфатен систем за заштита на критичната инфраструктура. Дел од нив имаат закони кои системски го уредуваат идентификувањето, односно дефинирањето и заштитата на критичната инфраструктура, при тоа, се разбира, имаат и повеќегодишно искуство во примената на законите, а дел, меѓу кои и Македонија, се наоѓаат во фаза на изработка на својата легислатива.

 

Постои широк консензус дека заштитата на критичната инфраструктура во која спаѓаат сите физички и организациски процеси нужни за нормално функционирање на државата се национална задача од прв ред. Во изминатите години се соочувавме со повеќе кризи кои сериозно го нарушија нормалното функционирање на општеството и државата. Повеќе не се поставува прашањето дали ќе има нова криза, туку каква и со кој интензитет ќе биде следната. Теоретскиот концепт за „општество на ризик“ од осумдесетите години на минатиот век, што се појави како реакција на нуклеарната хаварија во Чернобил, за жал, денес е реалност во која секојдневно живееме. Здравствената криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 ни покажа дека и болниците коишто вообичаено не се вбројуваат во институции од критичната инфраструктура од прв степен, можат да станат такви установи доколку кризната ситуација го налага тоа – изјави Пендаровски.

Тој порача дека тоа што се случува по стивнувањето на пандемијата на најбрутален начин ни покажа колку е важно да бидеме подготвени да ги заштитиме објектите и системите од критична важност за функционирање на нашите држави и општества.

Денес сме сведоци како војната од конвенционален тип која Русија ја води против Украина е истовремено и хибридна војна против најголемиот дел од државите во Европа кои ја осудија руската агресија и кои активно ја помагаат Украина да го одбрани својот територијален интегритет и суверентитет. Нападите врз нуклеарните централи во Украина не само што го нарушуваат пазарот на електрична енергија, туку се реална опасност за предизвикување нуклеарни инциденти со несогледливи последици по животот на целиот континент. Диверзиите врз гасоводната инсфраструктура дополнително ја влошуваат енергетската криза, а повеќемесечната блокада на главните пристаништа на Црното море во Украина сериозно го нарушија глобалниот пазар на храна.

 

Повеќе години наназад сведочиме за хакерски напади врз клучните компјутерски системи на повеќе држави во регионот од државно спонзорирани поединци и групи. Таквиот тип на војување во епохата на забрзана дигитализација доведува до парцијална или целосна парализа на транспортот, банкарскиот систем, здравствениот систем, како и до попречување на работата на многу други владини агенции кои се критични за редовното функционирање на државата. Ваквиот вид на, во суштина, државно спонзориран тероризам, во некои ситуации, може да нанесе штета поголема дури и од класичните воените напади – изјави Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.