Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација на Советот на Американски амбасадори која престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата со членовите на делегацијата на Советот, составена од поранешни амбасадори на Соединетите Американски Држави, се разговараше за македонско-американското партнерство и пријателство и регионалните прашања од интерес за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски ги информираше соговорниците за актуелните прашања од европските интеграции на земјата, како и реформските процеси кои треба да се спроведат во поглед на владеење на правото и борбата против корупцијата.

Соговорниците исто така разговараа и за состојбите во регионот, како и безбедносните предизвици во Европа, како последица на руската воена агресија во Украина.

Советот на Американски амбасадори е непрофитна организација во која членуваат над 200 амбасадори на САД, која работи во поддршка на Стејт департментот и шефовите на мисии, спонзорира стипендии за развој на млади лидери за кариера во јавната дипломатија и меѓународните прашања, организира мисии за утврдување на факти во странство и ја едуцира јавноста за надворешно-политичките прашања кои влијаат на националниот интерес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.