Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во Скопје го одржа завршниот митинг во рамки на претседателската кампања и притоа истакна дека е сигурен дека на 8 мај, ќе се извојува двојна победа, како што рече: „не за нас, за сите вас“.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на Македонија да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без искуство, без политичко искуство да водат држава, да водат град или општина.

„Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна. Да го кажува ова дете од претшколска возраст па и ќе се насмеете. Кога го кажува возрасен човек, професор на факултет, кандидат за највисоката политичка функција, а тоа го повтори и денеска на последниот дуел кој го имавме, единствено ви останува да ја жалите госпоѓата“, додаде Пендаровски.

Тие, продолжи Пендаровски, немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

„Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е. Меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ, што е азбука во сите меѓународни организации и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара“, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на изјавите на неговата противкандидатка дека Рамковниот договор го надминал времето, Пендаровски истакна дека Македонија ќе опстои исклучиво како заедница на потполно рамноправни граѓани.

„Кога имате работа со луѓе кои за, а сите знаеме колку мртви колку повредени, колку инвалиди, колку деструкција имавме во таа 2001 и дека тие рани ден денеска не можеме да ги залечиме, тоа значи дек тие луѓе немаат осет во каква држава живеат, каква е популационата структура. Ако можело да функционира 23 години, не гледам причини да одиме по овие забегани теории, заговори и личности кои тврдат дека имале подобри решенија“, подвлече тој.

Истакнувајќи дека граѓаните на Центар имаат голем креативен, демократски потенцијал, тој ги повика на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.

„За да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на ова кои ја замислуваат Македонија само како нивна, приватна држава дека нема да успеат. Нема да успеат! За број 1, на 8 мај, на двата избора“, заклучи Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.