Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 20 години на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, што се одржа вчеравечер во Скопје.
Настанот, кој се одржа под покровителство на претседателот Пендаровски, беше организиран од Еко-свест, како стратешки партнер на Шведската агенција за развој и соработка-СИДА во спроведување на стратешкиот тригодишен проект „Заедно за климатска акција“ / Граѓанските организации во акција за климатските промени.
Еко-свест е водечка организација во државата, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, заштита на животна средина и здравјето на луѓето.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање ја истакна неговата поддршка на граѓанските организации, како и за интересот и грижата за животната средина, како едно од најзначајните прашања на денешнината. Тој повика на единство и заедничка работа за решавање на овие круцијални прашања од кој зависи нашиот опстанок како држава и општество.
Во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија“, порача Претседателот во своето обраќање.
Во продолжение е интегралното обраќањето на претседателот Пендаровски.
Имам особена чест и задоволство да ве поздравам на одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј, дваесет години од постоењето на Еко-свест. Според мене, станува збор за организација која во своето дводецениско постоење остави длабоки траги во граѓанското организирање кај нас, особено на полето на животната средина. Моето присуство денес на овој настан, заедно со покровителството е неспорен доказ за мојата поддршка на граѓанските организации и за интересот и грижата за животната средина како едно од најзначајните прашања на денешнината.
За жал, со енергетската криза која се продлабочува и која несомнено ќе предизвика и веќе предизвикува економски турбуленции, но и можна политичка дестабилизација низ целиот свет, особено ќе биде погодена и зелената агенда. Затоа што е очекувано да се зголеми емисијата на ЦО2 со реактивирање на капацитетите кои користат фосилни горива.
Во овој контекст, треба да бидеме особено внимателни и претпазливи затоа што освен заштита на стандардот на граѓаните и ублажување на шоковите во стопанството, мора да се работи и на изнаоѓање на одржливи решенија за заштита на животната средина. Јас го споделувам мислењето на многу експерти дека токму кризата е и можност да се свртиме кон обновливите извори на енергија и во соработка со институциите и секако, граѓанскиот сектор, да изнајдеме прифатливи решенија.
Ја користам оваа прилика да повикам на единство и заедничка работа за решавање на овие круцијални прашања од кој зависи нашиот опстанок како држава и општество.
Почитувани,
Покрај енергетската, економската и сеуште присутната здравствена криза, ние, а и целото човештво се соочуваме со климатска криза чии последици ќе бидат апокалиптични доколку не се преземат навремени и обмислени акции. За таа цел се потребни координирани активности на локалната и централната власт и, се разбира, тесна соработка на меѓународно ниво, заради ублажување на последиците од климатските промени.
Во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија.
Во оваа прилика би сакал да ја истакнам мојата поддршка на препораките на експертите од граѓанските организации дека наш приоритет треба да биде вложувањето во животната средина, бидејќи секој денар инвестиран во неа значи повеќекратни придобивки во сите сфери на општеството, а особено во економијата, јавното здравје и социјалната заштита. Еколошките такси кои се наплаќаат од граѓаните треба наменски да се користат за инвестиции во животната средина и заштита на нашата природа и ресурси, а одлуките кои се носат мора секогаш да се базираат на научни факти и истражувања.
Со овие неколку согледувања околу актуелните прашања што не притискаат и како заедница и како поединци, би го привршил ова мое денешно обраќање, оставајќи простор за славениците и нивните пријатели и соработници.
На крајот дозволете ми уште еднаш да го честитам јубилејот и да посакам уште долги години плодна и успешна работа на Еко-свест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.