Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс”.
Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.
Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западерн Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.
Проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ се уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа. Добар дел од надворешната политика моментно е прекоупирана со кризата во Украина, но потребен е посебен ангажман на Западен Балкан, истакна претседателот.
За одржливоста на македонскиот надворешнополитички курс, рече дека за жал, постојат извесни негативни тенденции.
Се повеќе анкети покажуваат дека се намалува поддршката за европските интеграции, се намалува повеќе од просекот на Западен Балкан или, со други зборови, се повеќе наши граѓани се изјаснуваат во прилог на некоја од можните алтернативи на ЕУ. Генрално, сликата не е толку темна и лоша. Се уште добро котираме во тој дел зашто направивме прилично тешки компромиси за кои плативме голема цена, а дел од таа цена е намалената поддршка од граѓаните кои сметаат да бидеме веќе длабоко во преговори со ЕУ. Таа цена, ако продолжи блокадата, очекувам да се зголемува зашто годинава ќе комплетираме 17 години како земја кандидат за членство. Се повеќе се приближуваме до неславниот рекорд на Турција која со децении преговара и е практично замрзната во преговорите, рече Пендаровски.
Тој напомена дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив. Но, важен сегмент за одржливоста, укажа, е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.
Ако сакаме да бидеме дел од западноеврпките организации и да имаме поддршка од граѓаните, тука ќе треба да покажеме добри резултати, посочи Пендаровски.
Според него, добри вести стигнуваат од двата мотора – Германија и Франција. Новата германска Влада продолжува со несмалено темпо да ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, посебно на земјава, а Франција и наспроти фактот дека ќе има претседателски избори, настапува со сосема поинаква реторика.
По моја проценка последните два настапа на францускиот претседател е реторика неколку нивоа над во прилог на интеграцијата на регионот. Тој вели дека Западен Балкан не е само географски дел од Европа и дека не смее повторно да му се заврти грб. Тоа е добро, напомена Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.