Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше меѓу граѓаните на општина Радовиш.

Од присутните, Пендаровски побара поддршка на 24 април и осми мај, затоа што само тоа е гаранција дека државата ќе продолжи по вистинскиот пат и ќе има претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа.

Осврнувајќи се на ставот на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ за преспанскиот договор и членството во НАТО, Пендаровски посочи дека во таа партија постои двојство дури и за најважните прашања.

„Искрено да ви кажам, не знам кој е ставот на опозицијата по тоа прашање, затоа што кандидатката на главната опозициска партија, има изјава каде што вели дека оние кои го потпишале Преспанскиот договор треба кривично да одговараат, затоа што тоа наводно било велепредавство на државата. Во програмата што ја објавија сега пред неколку дена, истата таа госпоѓа вели дека најголемо достигнување било нашето членство во НАТО бидејќи со тоа била загарантирана безбедноста на државата, а едно без друго не бива. Како и за други прашања, има двојство, дури и во врвот на таа партија. Јас им предлагам, пред да излезат во јавност да се договорат меѓу себе инаку вака се брукаат пред целата македонска јавност“ порача Пендаровски од Радовиш.

На митингот во Радовиш, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски одговарајќи на прашање од граѓани, се осврна на повикот на Христијан Мицкоски до другите партии.

Според Пендаровски, повикот на Мицкоски е показател дека на неговата партија не ѝ оди баш добро и според планираното сценарио.

„Коалиции се прават врз основа на исти вредности и приницпи. Ако веруваш во принципите и вредностите на пример на Левица, нормално ќе направиш коалиција со нив. Ние сме во коалиција од над 15 партии и таа трае со години и таа е коалиција базирана на вредности и принципи. Знаете како велат со кој си таков си, тие сакаат да бидат со таквите, мене ме чуди само тајмингот кога е тоа објавено. Значи, стартуваш во кампања и сред кампања бараш помош. За мене тоа е јасен знак дека работите не им одат на добро, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на нивниот лидер. Има информации дека тие уште пред година дена веќе ги поделија функциите, се направија победници и сега да бараш помош во сред кампања од кого било е прилично необично. Тие планираа огромна победа и мислам дека веќе имаа договорено и музика и локација за прославата“ порача Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.