Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за неделникот „Фокус“, дава предлог како да гласи референдумското прашање доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата по усвојувањето на „францускиот предлог“.
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, вели Пендаровски.
Шефот на државата смета и дека во таква ситуација треба да се сменат и правилата со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.
Идејата за референдум во јавност ја промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по што Извршниот одбор на партијата на седница на 21 јули ја поддржа иницијативата. За прашањето, природата и карактерот на референдумот рекоа од опозициската партија, дополнително ќе прават консултации со експертската и општествената јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.