Има политичка волја Бугарите во земјава да бидат внесени во нашиот Устав, но тој не може да се отвори и измени за една недела, туку за околу сто дена. Покрај овој технички аспект, постои и политички – треба да има гаранција дека уставните измени се последното барање од владата на Бугарија. Бараме цврсти политички гаранции и од ЕУ, не само од Софија.Ова го кажа претседателот на државата Стево Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Жан Мишел во Охрид.

Нагласи дека не постои политички проблем – ни кај власта, ни кај опозицијата, во однос на внесувањето на Бугарите кои живеат Македонија во Устав.

Значи, има политичка волја за тоа. Ние само бараме да се земе предвид една политичка и една техничка работа. Техничката работа е дека нашиот Устав, и кога има политичка волја за двотретинско мнозинство во Собранието, и кога би имало волја, не може да се спроведе пред три, три и пол месеци. Побрзо технички не е возможно. Денес да почнеме, помеѓу 95 и 105 дена е според проценката на најдобрите уставни експерти во земјава – рече Пендаровски, појансувајќи дека има три фази за промена на Уставот, потребна е јавна расправа и, како што рече, сериозен процес на објаснување на народот зошто се прави промената.

Но, покрај техничкиот дел, прашањето има и политички – дали ако влеземе во уставни промени, тоа ќе биде последното барање од бугарска влада – сегашната или некоја следна.

Многу е несериозно ако ние влеземе во еден сериозен потфат, промената на конституцијата на секоја држава е многу сериозна работа, за која треба многу размислување. Замислете шест месеци од сега, до година, некоја следна бугарска влада или истава, сеедно, да каже сега бараме уште нешто. Значи ние во тој дел бараме цврсти политички гаранции и од ЕУ, не само од Софија. Проштевајте тоа нема да ни биде доволно. Бараме гаранции дека тоа ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем, во однос на ова прашање – истакна Пендаровски.

На прашање дали доколку тоа барање биде ставено во преговарачката рамка ќе биде доволна гаранција дека Бугарија ќе нема други барања, Пендаровски одговори дека „ако во преговарачката рамка има формулација во која ќе се каже дека ова е последното бугарско барање во однос на ова прашање, немаме проблем со тоа“.

На Балканот ние сме изгорени многу пати. Меѓу нас сме имале турбулентна историја и најчесто политичката реторика или само зборовите не ни се доволни. Не е лошо да има нешто и на хартија – рече претседателот Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.