Обидот на Владата преку пратеници да предложи 9 закони, беше неуспешен за дел од нив и затоа сега Владата предлага пет, но по скратена постапка и со европско знаме, со цел тие да бидат донесени без можност да бидат „блокирани“ од пратеници кои не се согласуваат со решенијата содржани во предлог-законите, рагира пратеникот Павле Трајанов на денешната седница во врска со предложениот дневен ред.

На оваа седница на Парламентот, Владата достави пет закони и тоа со европско знаме, со цел да се легализираат коруптивните елементи на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, како и да се амнестираат членовите на Владата кои го усвоиле договорот и неговите потписници.
Со потпишување на договорот во кој има одредби кои се спротивни на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите 8 и 10 д, како и на одредби од законите за урбанистичко планирање, градење, експропријација и работни односи, се работи за класична злоупотреба на службената положба и постојат основани сомненија за кривична одговорност, рече Трајанов.

Овие закони ги предлага со европско знаме, но се работи за класична злоупотреба, бидејќи предложените измени не се во насока на усогласување на нашите закони со законодавството и стандардите на ЕУ, потенцира пратеникот од Демократски сојуз.

Доколку Парламентот ги усвои овие пет закони, во суштина ќе се случи тежок институционален криминал, бидејќи ќе се амнестираат од одговорност сите министри и премиерот и ќе се легализира грабеж од огромни размери. Одлуката и одговорноста е кај пратениците, или ќе спречат грабеж на столетието или ќе ги амнестираат министрите и потписниците на овој коруптивен договор, кој пратениците не можат да го видат, рече Трајанов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.