Претседателството на Демократскиот сојуз го разгледа модифицираниот Француски предлог (Преговарачката рамка, заклучоците на Европскиот совет) за започнување на преговорите со Европската унија на Македонија, при што ги донесе следните заклучоци:

Прво, во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење е за Македонија да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите и имплементацијата на европските вредности.

Второ, Владата на Република Македонија да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде согласно европските принципи и стандарди. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата.

Трето, уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок  со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и сл. Посебно нагласуваме дека не смеат да се  прифатат разговори за Македонските ревулуционери кои се во кодот на секој Македонец , како што се Гоце Делчев ,Јане Сандански ,Дамјан Груев и други револуционери. Да се прекинат било какви дискусии за заедничко славење на Македонските национални празници,Илинден итн.

Четврто, македонскиот идентитет  и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа.

Во Преговарачката рамка, годишните прегледи, Акцискиот план и протоколите, не смее да се прифатат решенија кои и овозможуваат на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија.

Петто, за предложената Преговарачка рамка да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот.  Инсистираме овој процес да се води транспарентно и одговорно без брзи и неиздржани решенија.  Доколку Европската унија нема разбирање за македонските позиции, тогаш да се отфрли овој модициран Француски предлог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.