Добровечер Македонијо! Добровечер верен народе кој е на нозе, горд, исправен и кој доаѓа да си го земе она што му припаѓа, а тоа е слободата, слободата на Македонија! „Ќе нè има ли тогаш кога ќе нè нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да нè има?“ Е – вечерва мој народе – нè има и затоа нема да не нема! Македонија е жива и ја има, многу ја има! Тука сме собрани илјадници. Реки граѓани исправени и со гордо кренати глави, со име, со чест, со пркос, со емоција и со волја за борба која мора да донесе промени. Никогаш Македонија не видела толку многу болка како овие години и затоа никогаш Македонија не видела толку многу луѓе што вечерва ги преполнуваат улиците на главниот град на Македонија, од исток, од запад, од исток, од југ, од центар, преполно е Скопје! Овој татнеж на судбини и крици на лична бол поради грдата реалност која ја создадоа ќе ги пробуди овие заспани бирократи во оваа влада овде наспроти нас! – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред насобраната толпа на вечерашниот протест кој се одржува под мотото „Протест за промени, затоа што премногу е“.


Тој пред народот насобран пред Владата во Скопје посочи:

Доаѓа крајот на овие нечесни луѓе од Владата какви досега овие три децении не сме виделе! Од денес па натаму, нашиот глас ќе татни низ градовите и низ селата, низ цела Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата што ни припаѓа! Нека се чуе на сите страни дека во Македонија – во нашата Македонија – се случува народ. Раскажете ја вистината за луѓето што дадоа многу во името на ветувањата за некаква посреќна иднина, а не добија ништо! И денес оваа одлучност за промени е толку голема затоа што народот веќе нема што повеќе да загуби, живеејќи во време кога загуби речиси сè. Власта удри по стандардот, по образованието, земјоделието, се удри по економијата.


Мицкоски обвини дека актуелната Власта удри по стандардот, по образованието, по земјоделството. Вели силно се удира по економијата и по перспективите на младите луѓе.

Булеварите, раскрсниците и плоштадите се полнат со луѓе кои секојдневно просат затоа што загубиле речиси сè. Контејнерите се пребарувани од луѓе од разни нации и припадности бидејќи гладот не знае за вера или нација. Денот за власта е ден поминат во луксузни автомобили, ручеци со златни вилушки и чинии какви купуваа, а денот за обичниот народ е ден за борба со голиот живот, борба за опстанок да се преживее и да се дочека следното утро. Таква е реалноста во нашата Македонија, тешка и мачна. И денес сум овде пред вас затоа што јас ја имам одговорноста да се борам и да ветувам, се обврзувам и гарантирам дека нема да разочарам. Вие сте мојот мотив и мојата сила! Ова е мојата Македонија! Тие ги имаат институциите, а јас со вас, сме заедно народот! И ова вечерва е глас на народот против неправдите и лошиот живот – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на насобраната толпа им посочи дека е негова чест, задоволство, но и одговорност што луѓето се одважиле вчерва да дојдат пред Влада.

Ви благодарам што независно од сите закани, притисоци и уцени на власта вие стоите овде со мене за заедно да ги менуваме работите на подобро.Подавам рака. Подавам рака за овој договор, заедно да ги менуваме работите на подобро! Го имате мојот чесен збор и на илјадниците други наши сограѓани што одлучија да останат дома пред екраните, а кои, исто така не се чувствуваат толку комотно, ама во срцата знаат дека промени мора да има. Сите ние заедно, обединети зад знамето на Македонија порачуваме дека промени мора да има. Знајте оваа битка ја водам и за вас! И вашата поддршка се смета во процесот кој ќе заврши со смена на оваа власт. Поддршката на секој е неопходна бидејќи големата цел е пораз на СДСМ и казна за погрешните политики на оваа разуздана, криминална и предавничка власт! – нагласи Мицкоски.

Тој не ја изостави ниту реакцијата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој слатко се изнасмеа кога Еди Рама рече дека Ковачевски е премиер на идната Западна Бугарија:

И за премиерот кој се смее на тоа дека ова било Западна Бугарија. И тој нека знае дека ова парче земја за мене и за нас била и ќе остане напата мајка Македонија!
Таа огромна љубов која ја сакаме до болка.
И за која сме гласни!
И за која сонуваме!
И за која мечтаеме до нашиот последен здив.

И како што викаше Анте Поповски…
На овој даб името ќe ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.
На оваа нива грутка од тебе ќe посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.
На овој рид ќe те оставам
и кога ќe заминам
пак да те гледам
Голема.
Нашата Македонија…

Ова е Македонија!
Ова е нејзиниот народ!
Победуваме!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.