Граѓанските организации со барање до Претседателот, Пендаровски и Премиерот Ковачевски за откажување на хидроецентралите во Националниот парк Маврово, согласно Одлуката на Комитет на Бернската Конвенција.

Група домашни и меѓународни граѓански организации испрати писмо до Владата и Претседателот на Р. Македонија, со кое побара од овие институции кои се законски одговорни за извршувањето на меѓународните договори, да се спроведе Одлуката на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција и да се раскинат концесиите за трите планирани мали хидроцентрали во Националниот парк Маврово (Жировница 5 и 6 и Рибничка 7).

Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во 2015 година ја усвои Препораката бр. 184 за отворениот случај „2013/1 – Развој на хидроенергија на територијата на Националниот парк Маврово“ со која побара од Република Македонија да: „Го суспендира спроведувањето на сите владини проекти, особено предвидените хидроенергетски проекти и инфраструктура, на територија на Националниот парк Маврово, сè додека не се подготви Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС), која посебен акцент ќе стави на кумулативните ефекти на сите планирани развојни активности на територија на паркот“.

Шест години подоцна, во 2021 година, Постојниот Комитет повторно препорача (Препораката бр.211) Владата на Македонија да: „Ги суспендира и откаже одобрените концесии и оние планирани за изградба и да спроведе забрана за хидроцентрали (големи, средни и мали) во националните паркови.

Од усвојувањето на овие препораки, до сега, ништо не е преземено во однос на планираните мали хидроенергетски проекти во рамките на Националниот парк Маврово, заради што во декември 2022 година Комитетот донесе Одлука во која посочи дека е потребен побрз напредок во однос на Националниот парк Маврово и побара од Владата откажување на останатите три концесии во НП Маврово (Жировница 5 и 6 и МХЕ Рибничка).

Издадените концесии за малите хидроцентрали во НП Маврово го кочат процесот на репрогласување на паркот уште од 2016 година. Секое понатамошно одложување значи само продолжување на моменталните практики на неодржливото управување со паркот, со што се нанесува неповртна штета врз биодиверзитетот, но и врз животот на локалното население. Затоа е потребно итно раскинување на концесиите со што ќе се овозможи успешно спроведување на процесот на репрогласување и ќе се воведе активна заштита на вредности на паркот“, изјави Ѓорѓи Митревски од Еко-свест.

Член 118 од Уставот на Р.С.М. предвидува дека ратификуваните меѓународни договори се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, затоа Бернската Конвенција, како и одлуките и препораките на Постојниот Комитет се законски обврзувачки. Членот 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори специфицира дека Владата и Претседателот на Р. Македонија се одговорни за извршувањето на меѓународните договори, како што е Бернската Конвенција.

Барањето до Претседателот Пендаровски и до Владата е всушност барање за постапување како што налага националното законодавство – извршување на меѓународните договори, конкретно спроведување на Одлуката на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција од декември 2022 година. Сметаме дека е крајно време државата да почне да ги спроведува обврските од националното и меѓународното законодавство заради обезбедување ефикасна заштита на НП Маврово“, изјави Ања Јованова од Фронт 21/47.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.