Со подигнување на бајракот на Републиката, со симболично испукување на црешовото топче и со читањето на Крушевскиот манифест, синоќа на Гумење во Крушево свечено беа отворени научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ со што и започна чествувањата за големиот Илинден и 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. На чествувањето покрај повеќе гости присуствуваше и претседателот на владата Христијан Мицкоски.

Потенцирајќи дека заедничкото живеење на сите националности во илинденско Крушево е пример за целокупното живеење во Македонија, крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, Томе Христоским нагласи дека Илинден е голем светилник што го покажува правецот кон сигурната иднина.

Илинден е победа за сите кои движат напред. Денес живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност. Илинден е и ќе биде нашата сила за светла, европска иднина за сите граѓани на Македонија. Историјата ги памети тие што се издигнуваат, преземаат, му даваат сила на својот глас, и се решени да донесат одлука. Тие пишуваат историја, историјата ги запишува нив. Илинден е симбол за нашата борба за слобода и човечки правдини – рече Христоски на отворањето на Манифестацијата.

Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во пресрет на Илинден, повторно му кажуваме на светот дека Македонија не беше и не ќе биде јалова грутка, за да ја поткршува кој најде и кој ќе стигне.

Денеска, на страниците на светското паметење, со гордост запишуваме дека пред 121 и пред точно 80 години, ние ги избравме и ги испративме најдобрите синови први да ги огрее сонцето на слободата. Хероите од Мечкин Камен и Слива, ни покажаа како се чува слободата, тој најскап идеал на човекот, а ние сме онаа генерација на која ѝ е оставен аманетот – со убавината на сопствената култура и традиција, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност, како скапоцен влог во мозаикот на светската цивилизација – рече Љутков.

Да се зборува за Крушево значи да се зборува за сопствената историја, традиција и култура. За град музеј, кој изобилува со историски зданија како одек од минатото и потврда за непроценливото културно наследство на нашата држава.

Силно верувам дека предвидената програма на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе биде нов културен светилник на Балканот, за кој долго ќе се зборува и по кој светот ќе нè препознава, како град и земја што задолжително и со восхит треба да бидат посетени, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков со што ја прогласи за отворене, сега веќе националната манифестација „10 дена Крушевска Република“.

На Гумење во предвечерието на празникот се одржаа богата културно-уметничка програма и огномет.

Денес на празникот од 11,30 часот е централното чествување на Мечкин Камен каде ќе се обрати претседателот на владата, Христијан Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.