ДУИ го кандидираше Бујар Османи за претседател на државата. Тој во „Топ Тема“ на Телма го откри и мотивот за неговата кандидатура за претседател – да биде првиот консензуално избран претседател на државата кој нема да генерира политички и етнички поделби како досегашните шефови на државата.

„Поддршката од граѓаните ја барам врз основа на моите искуство, компетенции, работна дисциплина, меѓународна етаблираност. Тоа што е уникатно во мојата кариера е мојата меѓународна етаблираност, искуство, контакти, а претседателот на државата тоа го прави, ја претставува државата надвор. Овој пат да не се гласа по етнички линии, туку по искуство, по кандидат“, изјави Османи, потенцирајќи дека претседателот во последните триесет години бил извор на проблеми, поларизација и ескалација на политичката состојба.

Кандидатот за претседател на ДУИ тврди дека лидерот на земјата има три улоги.

„Едно, да биде компас на геостратешката ориентација, второ, да биде сврзно ткиво на различните етнички и политички наративи и трето, да биде деескалатор, да биде деполаризатор, тој што ќе ги намалува тензиите“, порача Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.